Обвинител, татко и сопруг – Савески откри која животна улога му е најтешка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Која улога носи поголема одговорност – да се биде јавен обвинител, сопруг или татко? Дали постојат одлуки за кои и денес се преиспитува и кој најмногу влијаел врз неговото чувство за правда?

Во ексклузивно интервју за „Click Plus“ на ТВ21, државниот јавен обвинител Ненад Савески ја открива и својата приватна страна, зборувајќи за семејството, животните принципи, личните одлуки и вредностите што го изградиле како човек.

Во разговор непосредно пред почетокот на емисијата, Савески признава дека најтешката, но истовремено и најубавата животна улога за него е родителството.

„Мислам дека потешка улога од родител нема, а во исто време е и најубава. Позицијата на јавен обвинител е регулирана, има рамки, правила и стандарди. Но, во партнерските односи и во улогата на родител нема однапред утврдени правила. Мора да се приспособуваш на околностите и на карактерот на децата“, вели Савески.

Тој открива дека неговите родители имале најголемо влијание врз формирањето на неговиот карактер и чувството за праведност.

„Моите родители се тие од кои научив што е праведност и колку е таа значајна во секојдневното однесување, не само во професионалниот живот“, истакнува Савески.

Говорејќи за животните одлуки, тој посочува дека не постои одлука за која се покајал, бидејќи секогаш настојувал да постапува по внимателно размислување и анализа. Признава и дека интуицијата често му помагала при донесувањето одлуки во приватниот живот.

А што би си порачал себеси на 20-годишна возраст?

„Секој да верува во своите соништа, да има цели пред себе. Доколку веруваш во себе, сметам дека секој сон може да стане реалност“, порачува Савески, нагласувајќи дека упорноста, трудот и вложувањето во себе се клучни за успехот.

Кој е Ненад Савески надвор од обвинителската функција, како ги носи најтешките одлуки и каде завршува професионалната, а започнува семејната одговорност?

Ова е само дел од разговорот пред ексклузивното интервју, во кое ќе бидат отворени и најважните прашања за работата на Јавното обвинителство.

Не пропуштајте го „Click Plus“ со Ненад Савески, овој четврток од 21:30 часот, само на ТВ21!