Два транспортно-воени авиони слетаа во Скопје со посмртните останки на 45-те трагично загинати патници.
Идавер Османов загуби пет членови од фамилијата. Дојде на аеродром да ги пречека.
„Тоа судбина од Господ, штом верувам во господ сега тоа ќе излезе на виделина. Кога-тогаш мора да излезе. Штом се вклучени и од Бугарија и од Македонија, ова ќе се расчисти еден ден. Ама кога… Ќе видиме“, вели Османов.
Со државни почести и делегации од земјава и регионот им беше оддадена последна почит и испратени на нивото последно патување.
На пистата беа и членови на семејствата. Сочувство изразија и четворицата бугарски пилоти.
Се уште свежи се сеќавањата на Османов, за кобното утро во вторникот.
„Ми се јави ќерката од Швајцарија, тоа е другата ќерка која ја имам. Вели „тато, дали дојдоа мајка и сестра ми“? Јас велам не, не сум станал да одам да ги земам од станица. Не, вели еден автобус се запалил, да видиш да не се нашите. Таа како да осеќаше нешто. И готово затвори телефонот“, додаде Османов.
За Османов ова е судбина, но вели дека откако ќе ги испратат најблиските во вечните почивалишта, нема да се откажат од барањето правда.
По барање на семејствата, дел од церемонијата беше променета, па посмртните останки веднаш од аеродромот беа пренесени во домовите на семејствата.
