Државниот врв, министри и директори заедно ја открија таблата, која означува почеток за изградба на Коридорот 8. Во Тетово, од каде почнува првата делница на овој автопат, беше поставен камен-темелникот.
За разлика од Ковачевски кој долго зборуваше, првиот вицепремиер Артан Груби, рече дека не подготвил говор, туку ќе зборува од срце.
„Најмногу од сите сакам да му се заблагодарам на еден човек, кој ни го пренесе неговиот сон и ни овозможи тоа да го направиме реалност. Претседателе и оваа работа се заврши, благодарам.“, рече Груби.
Се обрати и Али Ахмети во улога на пратеник од таа зона, кој рече дека се надева дека изградбата на Коридорот 8 ќе се одвива според планот.
„Да го поврземе целиот балкан со мостови е многу добра работа. Со среќа да е и што поскоро да ги завршиме работите според одредената агенда. Живи и здрави да сте.“, изјави Ахмети.
Амбасадорката на САД, Ангела Агелер, на македонски јазик им честита на граѓаните за поставувањето на каментемелникот.
Граѓаните кои секојдневно патуваат до работните места, овој современ пат ќе биде големо олеснување, рече првиот човек на Гостивар, Арбен Таравари.
„Што поскоро да почнеме да го користиме овој пат, особено јас како градоначалник патувам секој ден. Пат по кој се движат скоро 12 илјади возила на ден, се надевам што поскоро ќе почнеме да го користиме и да биде современ пат.“, изјави Таравари.
На 8 март беше потпишан договорот за Коридорот 8 и 10Д меѓу Владата на РСМ и компанијата Бехтел И Енка. Проектот ќе чини 1,3 милијарди евра или 12 милиони евра по километар, кој треба да се протега од Тетово до Ќафасан. Коридор 8 заедно со 10Д се вкупно 110 километри автопат, кој се очекува да биде завршен на 31 декември 2027 година, односно за 4 години и 7 месеци.
