Постепено и етапно реновирање на Клиниките – Таравари: Во ниту еден момент нема да бидат загрозени пациентите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Постепено и етапно ќе се одвиваат реновирањата на клиниките, а пациентите ќе се пренасочуваат на Клиниката „Свети Наум Охридски“ и со тоа нема да се дозволи да има гужви или некои пациенти да не бидат згрижени. Ова го истакна министерот за здравство Арбен Таравари откако во јавноста имаше информации дека ќе се реновира КАРИЛ, Хируршките сали како и болницата „8 Септември“.

„Почнуваме со КАРИЛ која што целата реконструкција треба да трае 6 месеци потоа продолжуваме со хируршките сали во Клинички центар од први април до некаде средина на јуни треба да заврши. Тогаш ќе почнеме најверојатно реконструкција во „8 Септември“ која што исто така треба за 3-4 месеци да заврши“, вели Арбен Таравари.

Според директорот на Клиниката „Свети Наум Охридски“ Небојша Настов, постои доволен капацитет и со кревети и со доктори.

„Битно е да се знае дека комуникацијата е за да се обезбеди буквално истиот број на интензивни кревети колку што биле и пред да се започне со реновирањето со тоа што само прераспределувањето на креветите, односно прераспределувањето на капацитетите е различно“, вели Небојша Настов.

Во однос на најавените 1.800 вработувања министерот Таравари вели дека  тие треба да се реализираат до крајот на годинава. Тој е на линија на ставот на Мицкоски дека не треба да се гледа етничката припадност, туку исклучиво професионалноста.

„Дека ќе има вработувања секако секогаш имало и повторно ќе има. Сега колку ќе бидат Македонци, Албанци или Турци тоа е ирелевантно верувајте. Имаме добри кадри кои што заслужуваат да бидат вработени во институциите и јас се надевам дека ќе има и некаква правична застапеност од сите етникуми кои што живеат во Македонија, меѓутоа пред се и над се е да бидат компетентни“, вели Арбен Таравари.

Претходно и првиот вицепремиер Изет Меџити најави вработување на Албанци, по што премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека вработувања ќе има но дека тоа нема да биде по етничка и партиска основа.