Во Литванија постои рид на кој има повеќе од сто илјади дрвени и челични крстови од сите големини и форми.
Многу од нив имаат „круни“ кои создаваат посебна музика од силниот ветер, а атмосферата навечер е и убава и застрашувачка.
Заради сето ова, местото лоцирано во близина на литванскиот град Шиаулиај стана популарно не само кај различните аџии, туку и кај „обичните“ патници и туристи кои немаат такво нешто во своите земји.
Како започнало подигнувањето на крстовите и зошто, сè уште не е познато со сигурност. Се верува дека првиот крст е поставен во 1830 година, по бунтот против Руската империја. Бидејќи семејствата не знаеле точно каде загинале нивните најблиски, луѓето донеле крстови на овој рид.
Така, ова место остана симбол на мирен бунт и национална гордост, пишува порталот Полн Куфер, а денес е можно да се постават крстови помали од 3 метри без никаква посебна дозвола.
Точниот број на крстови не е познат, но се проценува дека од 2000 до 2010 година имало повеќе од 100.000. Ридот нема официјален сопственик или надлежно тело, но наизменично се грижат доброволци и разни организации.
