Постои сомнеж дека се затруени од храна – 35 деца од кумановската градинка, болни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

35 деца од 2 до 4 години со исти симптоми овој викенд побарале медицинска помош во кумановската болница. Децата се од три објекти на градинката „Ангел Шајче“. Педијатарот Агрон Сулејмани за ТВ21 вели дека пациентите се стабилни, се пријавиле во болница со повраќање, дијареја и висока температура.

5 деца се третираат во болнички услови, а другите се пуштени на домашно лекување. Постои сомнеж дека децата се затруени од храната која ја консумирале во градинка, и затоа е затворена кујната во која се подготвува храна за овие три објекти, а работата во градинка продолжува со другите деца.

Од утрото, во градинката се инспекторите од здравствениот инспекторат и од Агенцијата за храна и ветеринарство како и еден епидемиолог од Центарот за јавно здравје во Куманово. Директорот на овој центар, Ариф Љатифи вели дека до утре може да има резултат од земените брисеви и ќе се знае точната причина за настанот.

„Нашите лекарски екипи излегоа на терен, ги посетија градинките и земаа брис од површините во просториите и мостри од храната, ги правиме потребните анализи. Мислиме дека до утре попладне, евентуално задутре ќе излезат резултатите и ќе знаеме точно од што се затруле децата“, вели Ариф Љатифи, директор на ЦЈЗ Куманово.

Градинката “Англе Шајче“ има 8 објекти и актуелно со новите протоколи има 796 деца. Лекарот Агрон Сулејмани исто така истакна дека во Кумановската болница, на одделот за Педијатрија денеска се пријавиле уште 40 други деца надвор од градинката, со исти симптоми.