Потпорниот ѕид кај Пинтија стои разрушен – земјиштето на околните куќи се свлекува, жителите стравуваат од уште полошо

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Иако поминаа неколку месеци откако се урна потпорниот ѕид овде во Пинтија досега ништо не е направено. Единствено нешто што е направено е тоа што е поставена заштитна ограда. Меѓутоа, жителите стравуваат дека со секој нареден поголем дожд ќе им се урнат и куќите“, вели репортерката на ТВ21.  

Никој ниту доаѓа ниту нешто се презема се жали Иванчо Јорданов, сопственикот на куќата која се наоѓа токму над разурнатиот дел на потпорниот ѕид. Вели дека грешката е направена уште кога се правела улицата која води кон населбата Драчево и тогаш не се знаело што ќе се прави со делот на населбата Пинтија која е над патот, за потоа да одлучат дека ќе постават потпорен ѕид кој уште во самиот старт погрешно бил наместен и без да биде вкопан во земјата

„Ѕидот го ставаа на два степена. Еден степен од 120 и неколку сантиметри, по извесно време им текна дека е низок тој ѕид спрема земјиштето и го доградуваа. Го доградуваа со уште таа величина околу 125 сантиметри и вкупно дојде два и пол метра. Јас гледајќи го случајно со еден комшија стоиме ѕидот го посматраме дека има нагиб кон надвор а не кон земјата. Ја направија улицата после на рамно ставија без некаков појак темел, значи тој ѕид таа тежина требаше да биде вкопан доле да има основа, подножје“, посочи Иванчо Јорданов.

Еден добар дел од земјиштето веќе е пропаднато надолу кон улицата за повеќе од половина метар, но се жали дека дел од дворот му свлекува надолу и скаличките кон куќата веќе се одделиле. Не е оптимист дека во скоро време ќе се преземе нешто. Помош побарал и кај градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски но не бил примен од него, а не очекува ниту дека ќе преземе и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

„Од почетокот дојде градоначалникот не со некој посебни ветувања, туку се лутеше, ќе видиме тоа зошто вака-онака, кој градел-како градел. Јас отидов еднаш да прашам што бива со тоа, не ме прими, сосема друго лице ме прими без никакво ветување и сега размислувам бидејќи ова е работа на градот Скопје, бидејќи џабе што ќе одам во општината и таму се смислам дали да одам или не, да одам ќе биде само нервози. За безбедно, не е безбедно. Самите гледате до каде е ова, во зимата со дождови и ова ќе се рони ќе паѓа“, вели Иванчо Јорданов.

Ја прашавме градоначалничката на Скопје Данела Арсовска дали се планира во скоро време да се преземе нешто за овој проблем.

„Таму треба да претстојат прво извесни анализи како на најдобар начин да се направи затоа што она кое што таму, повторно тоа е дел од оние девијантни појави, кое што било направено без никаква проектна документација, без никаков план и направено дури и да предизвика значителна штета, не дај Боже и по нечиј живот и по имотот на граѓаните и по било кој, што во тој момент се затекнал таму, сметам дека не смее повеќе да се повтори. Таму ќе има решение, тоа решение ќе биде соодветно испланирано, соодветно направено и ќе биде во интерес на граѓаните и покрај тоа што не е наша надлежност, верувам дека во интерес на скопјани, заедно со општина Кисела Вода ќе обезбедиме таму да биде безбедно, сигурно и проодно за скопјани“, вели Данела Арсовска.

Потпорниот ѕид во Пинтија се урна во мај годинава по обилните дождови, при што се урна и дел од уличното осветлување. Веднаш потоа градоначалникот на Кисела Вода Ѓорѓиевски рече дека ќе бидат преземени мерки за да се санираат последиците.

error: Content is protected !!