Денеска, околу 15:00 часот, во близина на месноста „Горна Лешница“ и бачилата „1-ви Мај“, граѓани ја пронашле 37-годишната Н.С., државјанка на Бугарија, во добра здравствена состојба.
Инаку, пријавата за нејзино исчезнување при искачување кон „Титов Врв“ пристигнала вчера во 20:22 часот во СВР Тетово, преку бројот 112.
„По добиената пријава, веднаш биле преземени мерки и активности за нејзино пронаоѓање. Во потрагата биле вклучени полициски службеници од СВР Тетово, Полициското одделение Попова Шапка, припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, екипи од Дирекцијата за заштита и спасување, како и претставници на Националниот парк „Шар Планина““, соопштија од МВР.
По пронаоѓањето, со теренско возило била пренесена од месноста „Горна Лешница“ до Попова Шапка, од каде со возило на Итната медицинска помош ќе биде транспортирана во Клиничката болница во Тетово за укажување лекарска помош.
