„Потребни се минимум 130 милиони денари“: Невладините за превенција од ХИВ на протест поради скратен буџет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Платформата на 14 граѓански организации што спроведуваат активности за превенција и заштита на населението од ХИВ инфекција реагираат затоа што Владата им го намалила буџетот за нивното дејствување и од досегашните 100 милиони денари сега е 90 милиони. Тие се собраа пред Владата од каде упатија барање да им биде обезбеден минимум неопходниот буџет за работа, која според проценките треба да изнесува најмалку 130 милиони денари.

-Со моментално предвидениот износ во предлог Буџетот за 2025 година кој што е 90 милиони за оваа програма нема да имаме можност ниту да обезбедиме соодветна и доволна терапија за сите пациенти, а секако превенцијата целосно ќе претрпи укинување. Би сакал да нагласам дека во моментот околу 130 пациенти односно 30 проценти од вкупниот број на пациенти со ХИВ примаат терапија која што е застарена. Нашата порака е да не дозволиме како земја во 2025 година да зборуваме повторно за зголемување на епидемијата на ХИВ, изјави Андреј Сеник, здружение за лица со ХИВ.

Влатко Деков од ХОПС вели дека со ваквиот низок буџетот предвиден за идната година граѓанските организации ќе ги изгубат сите програми за превенција од ХИВ.

-Најголемиот дел од овие програми постојат повеќе од 20 години и поточно ќе ги изгубиме следниве програми и услуги за граѓаните. Тоа се услугите за скрининг и тестирање за ХИВ, мобилната амбуланта која што е отворена во 2007 година како и стационарните услуги за ХИВ ширум државата кои во 2023 година ги искористиле 1.750 корисници од нив 35 посто се млади, изјави Влатко Деков, ХОПС.

Последните податоци на Институтот за јавно здравје говорат дека се зголемува бројот на болни и заразени лица со ХИВ вирусот. Само за годинава бројот на инфицирани лица е поголем за 51 нов случај од кои најголемиот број се од машки пол.