Поттикнува ли општина Тетово бојкот на настава? – Адеми: Петицијата е за недостиг на учебници, не за бојкот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Советникот на ДУИ во општина Тетово, Љиридон Диша, преку статус на социјалните мрежи го обвини градоначалникот, Биљал Касами, дека им налага на директорите на училиштата да потпишат петицијата за бојкот на настава.

„На скандалите на Биљал Касами им нема крај!!! Сега ги принудува директорите на училиштата да поттикнуваат родителски состаноци, за на родителите да им се наметне да потпишат некаква петиција што би резултирала со бојкот на настава! ВО КОЈА ЗЕМЈА ВО СВЕТОТ ОПШТИНА ИНИЦИРА ПЕТИЦИЈА ЗА БОЈКОТ!?!?!? Срамот има и име, и презиме!“, напиша Љиридон Диша

Ваљедин Адеми, раководител на Секторот за јавни дејности, вели дека самиот Совет на родители побарал да се потпише оваа петиција, која потоа ќе биде доставена до надлежниот сектор. Како што објаснува, ова е така бидејќи во албанските паралелки недостигаат над 23 илјади учебници, а до крајот на учебната година остануваат уште три месеци.

„Едно од барањата на Советот на родители беше набавка на учебници од страна на општината, но ги разјаснивме работите дека набавката на учебници ја врши Министерството за образование. Бројот на учебници кои недостигаат во училиштата на албански јазик е 23.100, на македонски – 2.934 и на турски јазик 1525. Тие имаа едно барање – да се покрене петиција за набавка на учебници и ние како сектор го координираме процесот за непречено одвивање на образовниот процес. Формулиравме петиција и им ја испративме на училиштата, но петицијата не е за бојкот, туку поради дефицит на учебници. Истата петиција потпишана од родителите ќе биде испратена до Министерството за образование и ќе биде поставен ултиматум за набавка на учебници“, вели Ваљедин Адеми.

Низ училиштата во Тетово сѐ уште има дефицит на учебници, а според Секторот за јавни дејности, учениците кои немаат учебници учат од скрипти и копиран наставен материјал.