Во последните две недели во Црна Гора се регистрирани 450 отсто повеќе новозаразени со коронавирус, хоспитализирани се 14 отсто помалку, а починале 11 отсто помалку, изјави денеска директорот на Институтот за јавно здравје Игор Галиќ.
Гостувајќи во „Утрински бои“ на ТВ „Вијести“, Галиќ рече дека пренесувањето на вирусот е широко распространето, а најпогодени од корона вирусот се Подгорица, Цетиње, Будва и Тиват.
Тој истакна и дека податоците и клиничките слики укажуваат дека доминантен сој е омикрон, кој се карактеризира со поблаги клинички слики, мускулно-скелетни проблеми, чувство на слабост и симптоми слични на настинката.
Галиќ наведува и дека моментално се загрижени кога инфекцијата ќе се пренесе на повозрасната популација, како ќе влијае врз нив и потсети дека во голема мера се вакцинирани лицата постари од 65 години.
Најголем процент на заболени е меѓу 20 и 40, а резултатот во скокот на пациентите го дадоа претпразничните и празничните веселби“, рече Галиќ.
Првиот случај на флурон е регистриран во Хрватска
Првиот случај на флурон е потврден во Хрватска, кога едно лице било заразено со Ковид-19 и грип во исто време, потврди началникот на Службата за клиничка микробиологија, Јасимна Вранеш за хрватскиот јавен сервис ХРТ.
Првиот случај на флурон е регистриран во Институтот за јавно здравје (НЗЈЗ) „Д-р Андрија Штампар“ во Загреб.
Во таа установа, рече таа, вчера се регистрирани околу 50 отсто позитивни на Ковид-19, што, како што наведе, е многу повеќе од пред седум дена, кога имало 30 отсто позитивни примероци.
Вранеш рече дека ретко се случува некој од коронавирус да се разболи три пати, но дека има и двапати заразени иако се вакцинирани.
Таа додаде дека се следи состојбата со омикрон, кој многу полесно се шири, а инкубацијата е пократка од пет до седум дена, пренесе Хина.
Влошена епидемиолошка состојба во Сплит и Загреб
На подрачјето на Сплит и на целата жупанија епидемиолошката состојба се влошува, а според последните податоци повеќе од 55 отсто од тестираните се позитивни, додека во Загреб уделот на позитивни е околу 50 отсто.
Шефот на Националниот институт за јавно здравје на сплитско-далматинската жупанија, Жељка Карин, за утринската програма на ХРТ изјави дека биле тестирани околу 2.200 примероци, од кои 55 отсто биле позитивни.
Таа изјави дека дневно тестираат по 3.000 примероци, што, како што рече, е многу за локалниот Институт за јавно здравје.
„Резултатите не се добри, бројот на нови пациенти е зголемен по Божиќ и сега го очекуваме истото. Очекуваме бројките да пораснат во следните две или дури три недели“, рече Карин.
Таа откри дека се зборува и за воведување построги мерки, скратување на работното време и помал број дозволени собири на луѓе.
