Основното јавно обвинителство, заедно со полицијата и повеќе надлежни институции, спроведува истрага по пријава за незаконска интервенција во водоводната мрежа на подрачјето на Општина Гостивар. Во постапката се вклучени и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.
Истрагата следува по зголемениот број граѓани кои во изминатите десетина дена побарале лекарска помош поради стомачни тегоби. Поради тоа, АХВ побара спроведување вонредни контроли на квалитетот на водата што се дистрибуира преку градскиот водовод во Гостивар.
Од Центарот за јавно здравје – Гостивар информираат дека е извршена вонредна контрола и дека се земени примероци од четири мерни места за лабораториски анализи. Истовремено посочуваат дека последните три анализи, направени во текот на изминатиот месец, покажале дека водата била здравствено исправна и безбедна за употреба.
Од Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар потврдија дека во Инфективното и Детското одделение е регистриран зголемен број пациенти со симптоми како дијареја, болки во стомакот, повраќање и покачена телесна температура. Според првичните медицински проценки и клиничката слика, најверојатно станува збор за сезонски вирози, при што засега не е утврдена епидемиолошка поврзаност меѓу случаите.
Надлежните институции најавуваат дека по завршувањето на анализите и вештачењата ќе бидат познати причините за состојбата и ќе се утврди дали незаконската интервенција во водоводниот систем има поврзаност со здравствените проблеми кај граѓаните.
