Повеќе од 6 илјади украински граѓани престојуваат во земјава, најголем проблем им е здравството и немањето работа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Возела повеќе од 2.000 километри од Харков до Скопје за да го спаси своето семејство од руските напади. Украинката Ивана со малолетниот син и со нејзините родители веќе девет месеци престојува во нашата држава во стан кој и го отстапиле нејзини познаници. Таа вели дека не сака луѓето на нив да гледаат како баратели на азил и сиромашни лица, туку како на луѓе на кои им е потребна привремена помош за да ги спасат своите животи. Единствен проблем ѝ претставува тоа што нема здравствено осигурување и право да работи во земјава.

„Кога дојдовме тука имавме многу проблеми. Еден од проблемите е сместувањето.“

„Другиот проблем е здравственото осигурување, сите што дојдовме тука сме мајки со деца, имаме луѓе возрасни, пензионери, луѓе во години кои што бараат исто здравствено осигурување, а на мајка ми тука и направија операција.“

„Операцијата ја направивме на сопствен трошок.“

„Друг проблем е тоа што немаме право да работиме. Со тие документи што ни ги дадоа тука во Македонија немаме право на работа.“

Дека најголем проблем на украинските државјани кои престојуваат во Македонија се здравственото осигурување и нивното вклучување на пазарот на трудот, потврдуваат и од Здружението на млади правници, кое веќе 15 години работи со бегалците и барателите на азил во земјава. Игор Стојчевски од здружението, вели дека по воената инвазија на Русија врз Украина, нашата држава задоцнила со тоа што не го активирала механизмот за привремена заштита и украинските бегалци ги третирала како туристи.

„Најчесто лицата коишто се пристигнати од Украина главен проблем кој што го истакнуваат, тоа е проблемот за остварување на правата од работен однос, понатаму тоа се проблемите во однос на здравственото осигурување и овие лица исто така немаат можност да остваруваат бесплатна здравствена заштита. Лицата кои што пристигнаа од Украина од почетокот на војната до сега, значи за жал Република Северна Македонија не го активираше механизмот за доделување на привремена заштита според Законот за меѓународна и привремена заштита и овие лица ги третираше како туристи во државата се додека не го регулираат својот статус согласно Законот за странци.“, вели Игор Стојчевски.

Досега многупати беше апелирано дека овие лица не смеат да бидат третирани како туристи, бидејќи станува збор за луѓе кои избегале од војна, бомбардирање и од директна закана по нивните животи, така што донесување одлуки за давање статус кој ќе им даде пристап до нивните права е од највисока важност. Од Владата велат дека Законот за странци ги уредува прашањата за регулирање на статусот „странец“, меѓу кои е и „регулирање на престој по основ на работа“.

„Лицата под супсидијарна заштита имаат исти права и должности со странците со дозволен привремен престој на територијата на Република Северна Македонија, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено. По донесување на позитивно решение по однос на поднесено барање за азил, лицата може да добијат статус на бегалец или лице под супсидијарна заштита, но такви барања нема.“, велат од Владата.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи во државава престојуваат 6.386 украински граѓани. 505 граѓани престојуваат по основ на регулиран привремен престој, додека пак на 375 лица престојот им е регулиран по основ на хуманитарни причини. Од почетокот на војната во Украина до денес, во Македонија барање за азил поднеле само четири лица, кои подоцна барањето го повлекле и се откажале од постапката за признавање право на азил. Од февруари до ноември годинава, регистрирани се 7,8 милиони бегалци од Украина, во европските држави. Привремена или слична национална заштита во Европа имаат 4,7 милиони Украинци.

Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, со поддршка од Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд.  Содржината создадена во рамките на активноста не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ООН.