Повеќе од десет тела се извлечени од реката Потомак по авионската несреќа во Вашингтон

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од десет тела веќе се извлечени од реката Потомак по синоќешната несреќа на авион со 64 лица, кој се судри со воен хеликоптер во центарот на главниот град на САД, Вашингтон, пренесе Ројтерс.

Агенцијата се повика на американската телевизија NBC. Авион на Американ ерлајнс синоќа се судри со воен хеликоптер Блек Хок над реката Потомак во близина на аеродромот Роналд Реган во центарот на Вашингтон.

Авионот се урнал во реката. Во хеликоптерот имало тројца воени лица.

„Не е познато дали има преживеани“, изјави на новинарите шефот на пожарникарството во градот Вашингтон, Џон Донели, цитиран од Ројтерс.

Според него, во активностите за пребарување и спасување се вклучени најмалку 300 лица од итната помош. Тој прецизираше дека „операцијата е исклучително комплицирана“.

„Условите се тешки – студено е и ветровито“, истакна Донели.