Од овој месец се зголемува капитациониот бод на матичните доктори по општа медицина, гинекологија и стоматологија. Државата ова покачување ќе ја чини околу 550 милиони денари.
„Зголемувањето на капитацијата на матичните лекари значи повисоки плати и помотивирани лекари. Согласно оваа одлука вредноста на капитациониот бод за општа медицина и гинекологија ќе се зголеми од 75 на 100 денари, додека за стоматологија од 61 на 75 денари, што претставува зголемување од 33, односно 23 проценти“, вели Христијан Мицкоски.

Но што е со обврските на лекарите, дали со ова пациентите ќе добиваат повеќе услуги од матичните наместо како што е пракса тие да се препраќаат на специјалисти. Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека целта на покачувањето на бодот е матичните лекари да се ангажираат повеќе и да вршат прегледи за кои досега пациентите биле упатувани на повисоко ниво на лекување.

„Целта ни е повторно да ги мотивираме со покачувањето на капитацијата, да работат повеќе на скрининг програмите, на превентивата. Ехо на срце или на одредени матични доктори кои што можат да направат и ехо на каротиди или одредени други испитувања за кои што се едуцирани имаат такви лиценци, за кои што нема потреба да одат на специјалист кој што можат примарно тие да ги направат, а доколку има проблем после би ги упатиле кај специјалист“, вели Арбен Таравари.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски вели дека со ова зголемување ќе биде мотивација и за повеќе лекари во примарното здравство. Воедно тој најави и дека ќе има зголемена контрола на пишување рецепти и боледувања.
