Во честитката од Претседателката Гордана Силјановска-Давкова до верниците и до поглаварот на Исламската верска заедница, пишува дека овој празник е повеќе од традиција; тој е израз на длабока вера, духовност, милост, хармонија и љубов.
– Во време кога човештвото се соочува со конфликти, војни, кризи и климатски промени, и кога ни се потребни мир и стабилност, само преку единство и почит можеме да изградиме здраво општество и просперитетна татковина. Да го одржиме овој дух во текот на целата година! – вели претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, им честиташе на верниците со желби за здравје, мир, радост и благосостојба.
– Овој голем празник носи пораки за љубов, милост и единство – суштински вредности за градење праведно и хармонично општество. Нека деновите на Бајрам ви донесат мир во вашите семејства и надеж во вашите срца. Да продолжиме да ги негуваме соживотот и толеранцијата како темели на нашата заедничка иднина, вели претседателот на Собрание, Африм Гаши.
Премиерот Христијан Мицкоски го честиташе празникот преку објава на Фејсбук, нагласувајќи дека како народ, отсекогаш сме знаеле како да застанеме еден покрај друг во најважните моменти. Затоа, денес повеќе од кога било, додава тој, е потребно да се негува коегзистенцијата, да се гради доверба и да се инвестира во заедничка иднина со мир, стабилност и просперитет за сите граѓани.
-Радоста за Бајрам нека ги исполни вашите домови со топлина, љубов и благосостојба. Дозволете ни да ги споделиме убавите моменти со семејството, пријателите и сите оние на кои им е потребна поддршка. Со најискрени желби за здравје, напредок и просперитет! – вели премиерот Христијан Мицкоски.
Честитки упатија и лидерите на опозицијата и другите политички партии. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, напиша, посакувајќи: „Да бидеме подобри за себе, едни за други и за нашето општество“. А лидерот на СДСМ, Венко Филипче, посака овие свети денови на славење да донесат здравје, мир и просперитет за сите.
