Историската џамија „Мустафа-паша“ во срцето на Скопје ги собра верниците во зори за да се молат за утринската и за Бајрам-молитва.
Пораки за мир, солидарност и човечка одговорност во време кога светот се соочува со бројни тензии и конфликти беа пренесени за време на проповедта од Реисул Улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи.
Во овој контекст, тој предупреди на опасностите што му се закануваат на човештвото од војни, насилство и неправди, повикувајќи на избегнување на конфликти, масакри и геноциди и на зајакнување на културата на мирот.
-Со чувство на глад и жед, го повикавме светот да се грижи повеќе за човештвото. Мирот што го негувавме за време на Рамазан докажа дека човештвото мора да биде посветено на почитување на човечките вредности, избегнување на убиства, дискриминација, војни, масакри и геноциди, изјави Шаќир Фетаи, поглавар на Исламската верска заедница.
Фетаи, исто така, повика на борба против аномалиите што го загрозуваат животот на општеството и младите, како што се алкохолизмот, проституцијата, зависноста од дрога, корупцијата и други феномени што му штетат на човекот.
-Денес ги очекуваме Неговите безгранични награди за нашиот пост, за нашите искрени молитви, за нашето богослужение и за жртвите што ги направивме во текот на месецот Рамазан. Фитр Бајрам е ден на помирување и зближување. Тоа е денот кога треба да ги отвориме нашите срца, да си простиме едни на други и да ги зајакнеме семејните и општествените врски, изјави Шаќир Фетаи, поглавар на Исламската верска заедница.
На оваа централна манифестација организирана од Исламската верска заедница присуствуваа и претседателот на Собранието Африм Гаши и првиот вицепремиер Беким Сали.
