Повторно се активираат каменоломите во Лабуништа – судот ја поништи одлуката на Владата за одземање на концесиите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред две и пол години во струшкото село Лабуништа беа затворени шест каменоломи. Министерството за економија во соработка со Владата им ја одзеде концесијата.

Но, тие повторно почнаа да се отвораат.

Загрижени од ваквата состојба жителите на Лабуништа бараат надлежните органи да преземат мерки, во спротивно велат дека ќе протестираат и нема да ги пуштаат децата на училиште.

„Ќе преземеме порадикални мерки, како што е блокирање на патиштата. Жителите бараат блокирање или бојкот на наставата во основните и средните училишта. Ова го велам затоа што нашите институции немаат интерес за оваа работа и го третираат ова население како да не постои. Со други зборови, интересите на бизнисот се многу поважни и поголеми од интересите на самите жители чија бројка е над 9.000“, вели Алим Салоски.

Еколошката организација Натура лаб достави и медицински документ во кој стои дека од јануари годинава во село Лабуништа значително е зголемен бројот на заболени од малигни заболувања.

„Медицински извештај кој докажува дека во периодот од јануари 2022 година имаме пораст на малигните заболувања“.

Жителите велат дека побарале средба со министерот за економија Крешник Бектеши и со градоначалникот на општината Рамиз Мерко, но ниту една од овие средби не се остварила.

ТВ21 побара став од Министерството за економија за ваквата состојба селото. Од таму велат дека каменоломите почнале со работа поради одлуката на управниот суд.

„За одземените концесии на концесионерите МИ-ТРАНС, АМ-ИС ТРАНС и ВЛАШИ, Управниот суд донесе пресуди со кои се поништија одлуките на Владата за едностран раскин на договорите за концесија. Министерството за економија повторно побара од Државниот инспекторат за техничка инспекција да изврши увид, согласно напатствијата дадени во пресудите на управниот суд. По добивањето на одговор од Инспекторатот, повторно ќе Ве известиме“, велат од Министерството за економија.

Проблемот на жителите на Лабуништа и Струга е стар 20 години, но пред две години мислеа дека еднаш засекогаш го решиле овој проблем, но сега повторно се соочуваат со истиот проблем по повторното активирање на каменоломите.