Повторно зголемен бројот на заразени – „Фајзер“ го испрати договорот, вакцините пристигнуваат во март?!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За 56% е зголемен бројот на новозаразени со Ковид 19. Најпогодени се лицата на 60 годишна возраст а најголем број регистрирани случаи се во Скопје, покажува неделниот извештај на ИЈЗ. Шабан Мемети, член на Комисијата за заразни болести вели дека ова нов бран на корона вирусот а причината за тоа е непочитување на постоечките мерки.

„Вчера Комисијата за заразни болести ја анализираше состојбата во однос на зголемениот број случаи со Ковид 19 на ниво на државата и проценката е дека е главно поради непочитување на дадените мерки“, истакна Шабан Мемети.

Мемети вели дека други рестриктивни мерки во моментов не се предложени но истакнува дека правилата како што е носење маска, дезинфекција на рацете и држење растојание секако треба да се почитуваат.

„Овие мерки, овој златен стандард за заштита од Ковид 19 ќе продолжат независно од манифестациите, верските празници, јавни или државни, одредени собири во службени објекти или неслужбени, или на свадби препораките важат за сите и сите треба да ги почитуваме инаку ќе имаме пораст на случаите со Ковид 19“, додава Шабан Мемети.

Додека повторно имаме пораст на случаите, МЗ информира дека го добило договорот за вакцини против Ковид 19 од компанијата Фајзер/Бионтек, во кој се дадени детали во врска со распределбата на вакцините за 2021.

„Производителот „Фајзер-Бионтек“ во 2021 година на Република Северна Македонија ќе и испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во 4 квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата „Фајзер-Бионтек“ овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини“, велат од МЗ.

Вакцините требаше да стигнат во февруари, но тоа не се случи. Премиерот Зоран Заев рече дека Владата го прави невозможното за вакцините да стигнат што поскоро.

Во Ковид центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 39 нови пациенти, а вкупно се лекуваат 323 пациенти поради компликации од корона вирусот. Голем број пациенти се на кислородна поддршка, соопшти МЗ.