Брзата интервенција на велешките пожарникари спречила пожарот во семејна куќа во Велес да се прошири и да предизвика поголема материјална штета. Огнот избувнал во дневната соба на куќа на улицата „Глигор Прличев“ број 8.
Од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес информираат дека дојавата била примена синоќа во 19:08 часот, по што веднаш биле испратени едно противпожарно возило и тројца пожарникари.
По пристигнувањето на екипата, пожарот бил во развиена фаза и ја зафатил дневната соба. Пожарникарите со навремена интервенција успеале да го локализираат и целосно да го изгаснат, со што спречиле огнот да се прошири кон останатите простории и да ја зафати целата куќа.
Од ТППЕ Велес упатуваат апел до граѓаните за зголемена внимателност во периодот на високи температури и сушно време, бидејќи и мала искра може брзо да предизвика пожар.
Граѓаните кои ќе забележат пожар се повикуваат веднаш да го пријават на бесплатните телефонски броеви 193 или 112.
