Пожар во хотел во популарна туристичка област во Бангкок: Три лица загинаа, неколку се повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожар избувна во хотел во близина на улицата Као Сан во Бангкок, популарна туристичка дестинација, при што загинаа тројца странци, а неколкумина се повредени, соопшти тајландската полиција.

Трите лица кои загинаа во синоќешниот пожар се странски туристи, изјави претставник на полицијата за АП. Едно лице е пронајдено мртво на лице место, а две починале на пат кон болница.

Пожарот избувнал на петтиот кат во шесткатниот хотел „Ембер“, соопшти полицијата.

Пожарот е изгаснат, а причината се истражува.

Улицата Као Сан е популарна улица за туристите во главниот град на Тајланд, позната по својот жив ноќен живот.

Во моментот на пожарот во хотелот имало 75 лица, седум се повредени меѓу кои двајца Тајланѓани и пет странци.

Претседателката на бизнис асоцијацијата на улицата Као Сан, Санга Руангватанакул, денеска ја процени штетата пред хотелот „Ембер“, и рече дека се очекуваат околу 20.000 луѓе за новогодишната ноќ во вторник навечер.

„Сега сите се исплашени поради тоа што се случи и тоа ќе се одрази на прославата утре. Но, дефинитивно нема причина за загриженост бидејќи веќе се сретнавме со полицијата и ќе имаме повеќе од 150 полицајци и други вработени кои ќе се грижат за безбедноста на улицата Као Сан“, рече тој.

Гувернерот на Бангкок, исто така, ја истакна важноста на безбедноста по инцидентот, особено пред новогодишната ноќ, со огномет и други прослави планирани низ градот.