Пожар во петрохемиска фабрика во источна Индија повреди најмалку 20 лица, од кои петмина се во критична состојба, соопшти полицијата.
Пожарот избувнал во вторникот на нафтовод од постројка управувана од компанијата Haldia Petrochemicals, а потоа брзо се проширил и кон блиските домови во округот Пурба Мединипур во индиската сојузна држава Западен Бенгал, јавува Асошиејтед прес.
Пожарникарите интервенирале со 12 противпожарни возила за да го стават пожарот под контрола, додека повредените биле евакуирани и пренесени во блиските болници, соопшти полицијата.
Причината за пожарот засега не е позната. Од Haldia Petrochemicals во соопштение наведоа дека е покрената истрага за утврдување на околностите околу инцидентот.
