Пожар денеска во 12:37 часот е пријавен на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма во Општина Валандово. Веднаш по пријавата, на местото интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Валандово, кои и понатаму се на терен во обид целосно да го локализираат пожарот, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.
Според информациите од Општина Валандово, пожарот во моментов се држи под контрола, но неговото гаснење е отежнато поради непристапниот терен, каде што механизацијата тешко може да интервенира.
Од локалната самоуправа посочуваат дека, според првичните сознанија, не станува збор за случаен предизвикувач на пожар, туку за лице кое добро го познава теренот и избира локации каде што противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат.
Паралелно со интервенцијата, ТППЕ Валандово повторно упати апел до граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворен простор, потсетувајќи дека ваквите постапки се казниви согласно закон и претставуваат сериозна опасност за животот, имотот и животната средина.
„Против секое лице кое ќе биде затекнато или пријавено дека пали стрништа ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежните институции“, информираат од ТППЕ Валандово.
Последната информација е дека два ер-трактори ќе помагаат во гасењето на овој пожар.
