Висок тон и меѓусебни обвинувања на средбата меѓу првиот човек на Скопје и пожарникарите.
Средбата со градоначалникот Петре Шилегов уследи откако пожарникарите излегоа на протест барајќи да им се исплати и надоместок од 20% за опасност при работа. Шилегов им порача дека во моментов нема законска основа за надоместокот што го бараат. Како што вели, законот треба да се измени следната година.
Но, пожарникарите не поверуваа во зборовите на Шилегов. Велат неговата изјава не влева доверба дека следната година ќе има измени на законот, бидејќи е можно да има предизборна кампања.
По дебатата со Шилегов, пожарникарите се упатија кон општинската зграда на Град Скопје каде го продолжија протестот. Парите што ги бараат, досега ги добиле само пожарникарите кои поднеле тужби. Шилегов вели дека овој проблем датира од пред 15 години. Како што објаснува, формирана е работна група која ќе ги изготви законските измени, кои пак, ќе можат да стапат на сила следната година.
