Шумскиот пожар на периферијата на Атина беше ставен под контрола утрово, но евакуацијата на населението од загрозените подрачја продолжи поради очекуваните силни ветрови.
Портпаролот на противпожарната служба денес изјави дека пожарот во областа е под контрола, но дека сè уште не е целосно изгаснат.
Претходно, најмалку едно лице почина, а неколку куќи и земјоделски имоти беа уништени во петокот, кога пожарите, поттикнати од бурните ветрови, се проширија низ цела Грција, објавува „Катимерини“. Најтешка беше ситуацијата во градот Кератеа, југозападно од Атина, каде што телото на постар маж беше пронајдено во изгорена зграда.
Во петокот, силните ветрови достигнаа брзина и до 80 километри на час, разгорувајќи пожари околу Кератеа и зафатувајќи маслинови насади.
Грција и другите медитерански земји се меѓу таканаречените „жаришта на шумски пожари“, предупредуваат експертите.
