Пожарот кај Пробиштип сè уште активен, сите сили насочени кон Ратавица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарот во пробиштипскиот регион сè уште е активен, а сите противпожарни екипи и доброволци во моментов се ангажирани на потегот меѓу Пробиштип и селото Ратавица, каде што изгоре голема површина со сува трева и нискостеблеста вегетација.

Златко Илиев од Доброволното противпожарно друштво Кочани информира дека на терен веќе три часа интервенираат четири возила од ДПД Кочани и ДПД Виница. Пожарот е делумно ставен под контрола, а со градежна механизација се прават пресеци за да се спречи неговото ширење кон селото Ратавица. Во гаснењето помага и локалното население.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека во акцијата се вклучени и три „Ер трактори“.

Пожарот избувна попладнево во селото Бучиште, каде што изгоре една куќа, а уште три беа зафатени од огнот. Подоцна, пожарот се прошири кон селата Неокази и Ратавица, каде што и понатаму трае акцијата за негово локализирање.