Во изминатото деноноќие се регистрирани 13 пожари на отворен простор. Од нив, 9 се активни, 3 се под контрола, додека еден пожар е изгаснат. Активни пожари има во Ресен, Сарај, Зелениково, Чашка, Боговиње, Врапчиште, Новосело, Струга и Кривогаштани.
Пожарот на Пелистер, оценет како најтежок и најкомплексен досега, е ставен целосно под контрола. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, рече дека во гаснењето биле ангажирани големи сили, вклучително и армиски хеликоптер, „ер трактори“, пожарникари од неколку региони и доброволци.
„Станува збор за еден од најтешките шумски пожари оваа сезона. Нашата цел е, доколку не успееме да го изгаснеме, барем да го забавиме неговото ширење и да не дозволиме пожарот да навлезе во квалитетната шума на Националниот парк „Пелистер“. На терен се локалните пожарникари од Ресен, со силна поддршка од неколку пожарникари од Битола. Ангажирани се и екипите на ДЗС, односно екипи на пожарникари со пет возила „Пинцгауер“, како и екипи составени од доброволни пожарникари. Утрово побарав и екипи од „Национални шуми“, кои денеска ќе учествуваат во гаснењето на овој пожар“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
