Пожарот во Парк-шумата Гази Баба е ставен под контрола

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарот што ја зафати Парк-шумата Гази Баба е ставен под контрола, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Според директорот на ЦУК, Мухамед Али, екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје интервенирале на терен, а состојбата во моментов се стабилизира.

„Пожарот во Парк-шумата Гази Баба е ставен под контрола. Центарот за управување со кризи веднаш реагираше, воспоставувајќи контакт и координација со надлежните институции, додека Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје брзо и професионално интервенираше на терен“, изјави Али.

Тој посочи дека лично бил присутен на местото на настанот за координација на активностите и следење на состојбата.

„Состојбата се стабилизира, а надлежните екипи ќе продолжат да бидат на терен сè до целосно гасење на пожарот“, додаде директорот на ЦУК.

Од ЦУК апелираат граѓаните доколку забележат пожар, чад или друга опасна ситуација веднаш да пријават на итниот број 112.

Истовремено, граѓаните се повикуваат во периодот на високи температури да бидат особено внимателни при движење во планинските и шумските предели, да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожар и да ги почитуваат препораките на надлежните институции.