13 доктори, медицински сестри и болничари од битолската болница завршија во самоизолација, откако имале контакт со лице заразено со коронавирус.
Лицето било примено со психијатриска дијагноза, но истиот ден на 10-ти април кренал температура во попладневните часови. Пациентот прво бил прегледан на Одделението за ургентна медицина, па според симптомите хоспитализиран на Психијатриското одделение, па на Интерното одделение и на крај префрлен на Инфективното одделение.
Доктор од битолската болница реагираше на Фејсбук, дека имале контакт со заболениот и дека четири дена чекале резултати за истиот.
„Почитуван колега и Министер Венко. Четири дена чекавме резултати за лежечки пациент на интерно одделение, за сега во овие касни сати да разберам дека е позитивен за КОВИД-19? Нема да се помирам и да ја прифатам оваа лакрдија. Таков гнев и револт чувствувам што не се опишува. Не ме исполнуваат аплаузи и немам потреба да си го хранам егото, барав да се водиме според правилата и да се заштитиме во секој поглед. Цел месец укажував дека не сме на ниво и еве дојде до тоа од коешто се плашев. Потфрливме и за ова барам да се одговара“, вели Боби Трајковски.
Директорката на болницата Билјана Гагачовска вели дека при третманот со пациентот биле преземени сите мерки.
„Додека го чекавме резултатот, бидејќи постоеше некаква веројатност се постапи со него како сомнителен пациент и по целокупниот протокол, обезбеден со маска и ракавици по најкраткиот пат беше префрлен прво на Интерно одделение. И за заштита на пациентот и на здравствените работници беше поставен во посебна соба изолиран од другите пациенти“, додава Билјана Гагачовска.
Осврнувајќи се на коментарот на докотор, директорката вели дека постапено е по сите протоколи и дека медицинските лица имаат доволно заштитна опрема. А повика и Јавното обвинителство да постапат за ширењето на лажни вести.
