Позитивните ковид-случаи намалени за 11,8% – Љумани: Има 10 пати повеќе случаи, но граѓаните не се тестираат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Минатата недела, односно во периодот од 4-ти до 10-ти октомври, се регистрирани околу 12% помалку нови ковид-случаи. Според статистичките податоци од последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во овој период се пријавени 2.354 нови случаи во 33 градови.

-Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кратово.
-Најмногу заболувале лицата над 60 години, а најмалку заболени има кај децата до 9-годишна возраст.
-Пријавени се 93 смртни случаи, од кои 40 од главниот град.
-Регистрирани се 34 реинфекции, што е намалување за речиси 15%“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Дека има пад на бројот на новозаразени, смета и општиот лекар, Седат Љумани. Меѓутоа, како што вели, тоа не значи дека бројот на позитивните случаи е намален, бидејќи како што објаснува, повеќето граѓани не се тестираат во центрите за јавно здравје, туку само одат кај матичниот лекар да се лекуваат.

-За жал имаме многу луѓе кои се заразени, кои не сакаат да се тестираат и не одат во институциите кои изготвуваат редовни извештаи. Тој број не се пресметува бидејќи доаѓаат кај нас и се лекуваат. Деновиве имаме доста значително намалување, имаме спорадични позитивни случаи на коронавирус.-вели Љумани.

Иако во јавноста има и такви кои мислат дека бројот на заразени на дневно ниво „се пумпа“, според Љумани, во Македонија има десетпати повеќе случаи во споредба со оние кои ги објавува Министерството за здравство.

-Светските статистики предвидуваат дека во пандемија бројот на заразени се зголемува за седумпати, но кај нас, слободно можам да кажам дека има десетпати повеќе. Доколку имаме 100 позитивни случаи, тогаш се 1.000, бидејќи повеќето се асимптоматски или со лесни симптоми, па затоа немаат потреба да одат на лекар. И оние кои беа со тешки симптоми не сакаат да се тестираат, не сакаат да бидат хоспитализирани и бараат домашно лекување, односно во приватните болници-рече Љумани.

Според лекарот Љумани треба да се почитуваат анти-ковид мерките, со цел да се заштитиме од новиот бран кој се очекува веќе следниот месец. Не е доволна само вакцинацијата, треба да се носат маски и да се држи дистанца, заклучува тој.