Помалите политички партии се за отворени листи, но без праг од 3 проценти, како што пред неколку дена најави премиерот Зоран Заев. Претседателот на Либерално демократска партија Горан Милевски во 10 Минути на ТВ21 изјави дека за нив ова е неприфатливо. Прифаќаме праг, меѓутоа тој праг да биде разумен и сега оставаме и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ да се договорат меѓусебно, кој ќе биде тој разумен праг, рече Милевски.
„Практично прагот кој што се предлага од 3 насто е нелогичен и невозможен да се направи, бидејќи 3 насто доколку некој освои, тогаш тој сам ќе направи листа ќе оди носител и ќе добие два советници а не еден, со три насто гласови се добиваат 2 советници во одредени општини, така што е нелогично и многу е висок овој праг. Не е исто некој што освојува 20 илјади гласови со некој што освојува 2 илјади гласови. И не можете вие ист цензус да му ставите на сите“, истакна Горан Милевски.
Заев пред два дена најави можност на локалните избори да се оди со отворени листи. Рече дека за ова има договор од СДСМ ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но и дека ќе чека за ова да се изјаснат помалите партии.
„Предлогот е да има најмалку праг од 3 проценти, значи кога би биле 16 илјади избирачи, 3 проценти е некаде околу 500 избирачи, тогаш таа преференца ќе го качува кандидатот, од подолу кон погоре на листата. Малите политички партии имаат резерва велат да видиме дали е тоа правично за нас, сепак се помали политички партии, сепак им се дисперзирани гласовите“, посочи Зоран Заев.
Милевски денеска бил на разговор во Министерството за правда каде со министерот Бојан Маричиќ и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, разговарале токму за прагот. Вели дека наишол на разбирање, но доколку не го прифатат ова нивно барање, се сомнева во искреноста на партиите да сакаат да ги отворат листите.
„Беше проблем кај ВМРО-ДПМНЕ, сега ВМРО-ДПМНЕ го деблокира ова носење и сега ние кога имаме општ консензус кај 99 насто од политичките партии кои што се релевантни и тежат и да речеме еден пратеник бил против е неиздржано, но и отвора други сомнежи во искреноста на реализацијата на овој процес“, посочи Горан Милевски.
Менувањето на изборниот модел со отворени листи декларативно е прифатливо за сите политички партии. Со ваков модел граѓаните на локалните изборите ќе можат да изберат точно одредени кандидати од советничките листи кому ќе му го дадат својот глас.
