Праксата продолжува, постои ли злоупотреба? Компаниите земаат државна помош, а не исплаќаат плати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем е бројот на компании кои и покрај засилените контроли на УЈП искористиле државна помош а не ги исплатиле платите на работниците. По информацијата од првиот човек на УЈП за ваквата состојба, во јавноста се поставува прашањето, како е можно да се прави злоупотреба и каде системот затајува? Злоупотреба има, согласна е и директорката на УЈП.

„Да, дека постојат се уште работодавачи кои и покрај сите јавни објави секако дека продолжуваат да го злоупотребуваат системот. Минатата листа од страна на Генералниот секретаријат е доставена до ОЈО. И оваа листа по објавата, веднаш ќе биде доставена до ОЈО. Таму како што сме информирани се во една предистражна постапка.“, вели Лукаревска.

Кривична одговорност мора да има, потенцира Лукаревска. Додава, дека во случајот станува збор за злоупотреба на државна помош од страна на како што ги нарече, несовесните работодавачи.

„596 работодавачи кои примија финансиска поддршка во износ од 36 милиони и 655 илјади 907 денари не ја исплатија ноемвриската плата на 2421 вработен. Но со состојба 31.12 бројката се намали на 245 работодавачи кои примиле финансиска поддршка за месец Ноември 2020 во износ од 12 милиони 208 илјади 833 денари“, рече Лукаревска.

За овие 245 работодавачи како што објасни Лукаревска, веќе се изготвени опомени за неисплаќање на плата. За истите доколку по доставената опомена не ја исплатат платата на работниците, во рок од една седмица ќе следи присилна наплата со блокада на парични средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица . Се уште постојат и компании кои не ја исплатиле платата за еден, или за сите три месеци, информира Лукаревска. Такви се 125 компании . За овие работодавачи како што рече, веќе се доставени детални податоци во Јавното Обвинителство за покренување на кривична постапка. Со опомена за неисплатена плата за месец ноември опфатени се уште 351 работодавач и кај истите веќе е извршена исплата на плата по добивање на опомената од УЈП.

Според последните информации од Управата најголем број од компаниите со неподмирени обврски кон работниците се од Скопје станува збор за 73 компании, 21 од Тетово и 10 работодавачи кои искористиле државна помош а неисплатиле плати на работниците се од Гостивар.