Пратеникот oд СДСМ, Мартин Костовски кој живее во Куманово, а до своето работно место во Собранието во Скопје патува со автомобил упати повик до своите сограѓани кумановци.
Вели дека е време со личен пример да покажат дека се на располагање на граѓаните во вистинска смисла на зборот.
Оние кои треба да патуваат во Скопје (пациенти, студенти и генерално секој кој патува до главниот град) можат секојдневно тоа да го направат така што ќе патуваат заедно со него.
Неговата идеја е граѓаните да бидат корисници на овој превоз од причина што, како што вели, тие учествуваат во покривањето на патните трошоци на пратениците (преку плаќање на даноци).
Пратеникот секој ден ќе застанува близу Основниот суд или Општата Болница во Куманово, каде што било кој кумановски граѓанин кој има потреба да патува во Скопје ќе може тоа да го направи заедно со Костовски, без никаков надомест, а истовремено доколку сака ќе може да поразговара со пратеникот за било каков проблем или прашање што го интересира него како граѓанин.
