Array

Пратениците ќе одлучуваат за имунитетот на Вељаноски – „Нема основа за пленарна седница“, велат од ВМРО ДПМНЕ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За судбината на Трајко Вељаноски ќе се одлучува на пленарна седница. Од СДСМ велат дека пратениците ќе одлучуваат за одземање на неговиот имунитет базирајќи се и на судската одлука, покрај  одлуката од матичната комисија.

Но, ВМРО-ДПМНЕ се повикува на одлуката на матичната комисија  каде синоќа не се постигнаа доволно гласови за одземање на пратеничкиот мандат на Трајко Вељаноски. Опозицијата смета дека нема основа ова прашање да се испраќа на пленарна седница.

Од Алијанса за Албанците обвинуваат дека станува збор за соработка меѓу старите владини партнери ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние како Алијанса со длабоко жалење го дочекавме синоќешното гласање во Комисијата за мандатно – имунитетни прашања. Гласот на ДУИ за жал беше одлучувачки комисијата да не донесе одлука за одземање на имунитетот на пратеникот Вељаноски. Сето ова уште еднаш ги потврдува нашите сомнежи дека партнерите од минатиот режим не ја прекинале соработката и ден денеска. Во моментот кога се понадевавме дека  едната алка од режимот се скина и дека се очекува и втората, таа направи се за репарирање на првата. Бараме ова да се потврди со гласање во Собрание“, велат од Алијанса за Албанците.

И од Движење Беса се сомневаат во сценарио на ВМРО-ДУИ.

„Не сакаме да имаме предрасуди за здравјето на пратеникот на ДУИ, но од начинот на реализирање на сценариото, се отвора сомнеж дека ДУИ го штити пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски….има гласини дека наскоро судот може да побара одземање на имунитетот и на некој пратеник на ДУИ кој е под истрага на СЈО, и затоа се сомневаме дека станува збор за меѓусебни услуги меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, додаваат од Беса.

Синоќа на седницата на Комисијата за мандатно – имунитетски прашања, поради отсуство на пратеникот на ДУИ, Агим Шаќири, немаше доволно гласови за одземање на имунитетот на екс собранискиот спикер, Трајко Вељаноски. Тој е обвинет од Обвинителството за борба против организиран криминал, како организатор на настаните од 27 април 2017, во Собрание. Освен Вељаноски, осомничен е  и екс премиерот Никола Груевски, екс министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски како и екс вработениот на УБК, Никола Бошковски.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ