Пратениците се однесуваат крајно несериозно кон уставните судии, видно револтирана реагираше претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска бидејќи и покрај тоа што испрати допис до претседателот на Собранието Талат Џафери за да се свика Комисијата за избори и именувања за да се изберат уставните судии од тоа се уште нема ништо. Кацарска вели дека за уште минатата година алармирана до Собранието дека неколку судии си заминуваат.
„Ваквиот однос на пратениците е навистина несериозен. Како впрочем да не ја сфаќаат улогата на Уставниот суд. Така да во последно време си го поставувам и самата прашањето дали можеби некому одговара Уставниот суд да е во ваква ситуација. Некаде, чинам во месец април минатата година кога претседателот Џафери е информиран дека на тројца судии им престанува мандатот. Потоа, чинам во месец ноември испратив јас писмо до претседателот Џафери со кое што го информирав дека на еден судија му престанува мандатот на 14 јануари“, истакна Добрила Кацарска.
Кацарска вели дека капацитетот на Уставниот суд е доведен во прашање, бидејќи од вкупно девет сега работат со пет судии. Но тежината на одлуките кои се носат е поинаква доколку за одреден предмет дискутираат сите 9 судии отколку само половината од нив. Таа предупредува дека набрзо може да дојде и до блокирање на судот.
„Има многу битни предмети за граѓаните на оваа држава и несериозно би било ние да одлучуваме само пет судии за тие предмети. Мислам дека е почетокот на месец декември тоа е судијата Вангелина Маркудова. Тогаш повеќе не ќе можеме да држиме седници. Тогаш настануваа онаа целосна блокада на Уставниот суд и со тоа мислам дека дефинитивно угледот на Република Северна Македонија максимално нарушен и пред меѓународната јавност“, посочи Добрила Кацарска.
Вчера опозицијата достави барање до претседателот на Собранието Талат Џафери да ја свика седницата на Комисијата за прашања за избори и именувања, на кое беа потпишани 7 од вкупно 13 пратеници на собраниското работно тело. Но велат дека одговор се уште немаат. Тие ја повикаа Кацарска повторно да достави писмо до Џафери.
„Ние баравме уште во текот на денешниот ден, еве денес бараме да се одржи истата или најкасно утре како би можеле предлозите кои што ќе бидат доставени, инаку Деловнички да објаснам дека предлози за уставни судии согласно постоечкото деловничко решение и законско решение може да се достават и на самата седница да го направи владејачкото мнозинство, можеби и ние ќе предложиме одредени предлози за уставни судии. А, претседателката Кацарска повикувам да си испрати ново писмо кон оние кои што и го блокираат изборот изборот на уставни судии во моментот“, вели Никола Мицевски.
Комисијата за избори и именувања остана без својот претседател откако Костадин Костадинов беше избран за градоначалник на Струмица. Но покрај ова, власта го изгуби и мнозинството во комисијата откако Беса премина во опозицијата. Според Деловникот мнозинството во ова собраниско тело го има власта, но засега се уште нема иницијатива за тоа да се редефинира комисијата.
