По 30 дневен пост, верниците оваа утро се упатија кон џамиите за да ја клањат бајрамската молитва. Централната манифестација се одржа во џамијата Мустафа Паша во Скопје, каде се читаше светата книга и се рецитираа верски песни.
Молитвата ја водеше тетовскиот муфтија, Др. Хафиз Селвер Ефенди Џемаили.
Меѓу старите и младите немаше како да не ја забележиш белата мачка во џамијата.
Лидерот на ИВЗ, Шаќир Фетаху, ја истакна важноста за делување во месец Рамазан, кога свеста на човекот се подига во различни сфери преку грижа за другите луѓе.
„Празникот на Рамазан Бајрам не радува уште повеќе бидејќи добивме во многу различни сфери, ја подигнавме свеста за Господ, себеси, семејството, доброто, мирот, солидарноста и почитта кон другите. Оставајќи ги настрана и воздржувајќи се од телесните задоволства во нашите души и срца, разбравме дека жедта и гладот пред сè сеат во човекот свесност, грижа за сиромашните, лицата со посебни потреби, сираците и тие кои се во неволја. Сето ова не научи на исламскиот концепт дека грижата за луѓето е највисока и најблагородна вредност за верниците“, вели Шаќир Фетаху.
Фетаху истакна дека технологијата е причина поради која луѓето меѓусебно се оддалечуваат а зборуваше и за војните со кои се соочуваа светот.
„Овој концепт е неопходен бидејќи светот навистина денеска силно чекори во материјален-технолошки развој но од друга страна од морален и духовен аспект човекот забележува драстичен пад, се омаловажува човековото достоинство, се уништуваат семејства, луѓето се оддалечуваат меѓусебно, се оддалечува синот, ќерката од родителите, од братот, од соседите и луѓето“, вели Шаќир Фетаху.
Рамазан Бајрам е празник кој следува по 30 дневен пост на месец Рамазан, кога верниците ниту јадат ниту пијат од изгрејсонце до зајдисонце.
