Празниците двојна радост за угостителите, Охрид преполн со туристи, бизнисмените задоволни од напливот на посетители

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Празничниот викенд се чини дека е добра најава за плодна година за туризмот и враќање на оваа дејност на старите патеки. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот очекува економијата конечно да се стабилизира во 2023-та. Авионската линија Охрид-Белград, која стартува во јуни, ќе го удвои бројот на туристи. Прогнозите се дека годинава ќе биде надминат рекордниот број на туристи и ноќевања во споредба со годината пред пандемијата – 2019.

Охрид до вчера беше преполн со туристи, исто како и пред пандемијата. Според анализите на туристичките работници, најмногу гости имало од Србија, но тука се и посетителите од Бугарија, Хрватска, Албанија, Турција, Романија и Израел. Убавото време и празничната атмосфера ги натера туристите да излезат на прошетка покрај брегот на Охридското езеро, како и да посетат историски и културни обележја.

Трендот на зголемувањето на бројот на туристи се очекува да оди во нагорна линија. Туристичките водичи, за божиќните празници очекуваат доста гости од земјите од регионот.

И претстојниот викенд ќе помине празнично, бидејќи православните верници го слават Божиќ според јулијанскиот календар.