Пребројувањето само и само по етничката припадност треба да стане дел од историјата, вели претседателот Стево Пендаровски, во интервју за РСЕ. Додава дека не очекува поради политичките тензии некој да ги компромитира резултатите на пописот.
На првиот ден на Пописот на населението и домаќинствата, претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, преку фејсбук објава апелира до граѓаните да придонесат за успешен Попис.
И премиерот, Зоран Заев, преку Фејсбук упати повик за соработка со попишувачите со цел по 20 години да се добијат потребните податоци кои треба да бидат основа за создавање на политики во иднина.
„За оваа операција да биде успешна покрај професионалноста на вработените во Државниот завод за статистика и ангажираните инструктори и попишувачи, неопходна е соработката од сите граѓани. Затоа ве повикувам да бидете партнер во овој процес, затоа што само на овој начин Владата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата ќе можат да обезбедат подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија.“, рече Заев.
Премиерот исто така сподели неколку историски факти за пописот на населението на територијата на Македонија. Имено првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат странски извори на податоци за попишување на населението во 19-тиот век. Првиот современ попис на територијата на Република Македонија е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна до 2002 спроведени се 8 пописи. Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада, кој претставува прв попис по осамостојувањето на Македонија. Пописот во 2002 година е последниот спроведен попис во Република Македонија, додека во 2011 година пописот бил стопиран.