Се заострува политичката атмосфера и реторика пред стартот на кампањата за претседателските избори при што политичките опоненти не се штедат во обвинувањата и тврдењата кој бил полош кандидат. И самиот претседател Стево Пендаровски на денешната конвенција на Партијата на пензионерите кои отворено му ја дадоа поддршката не пропушти да ја искритикува својата политичка противничка Гордана Силјановска Давкова и тоа за изјавата што деновиве ја даде дека доколку таа биде избрана за претседател ќе ги амнестира осудените од 27 април.
„Тие не само што не се извинија, било кој од нив, во лично име или претседателот на партија кој е наследник поставен лично од претходникот негов на таа позиција, туку и предлагаат кандидат кој најавува амнестија на тие луѓе, кои влегоа да убиваат и да тепаат со главна политичка цел да не дозволат мирна транзиција на власта на оние кои имаат мнозинство пратеници во тој момент“, порача Стево Пендаровски.
Од ВМРО-ДПМНЕ ниту денеска не пропуштија да го нападнат актуелниот претседател и кандидат од СДСМ Пендаровски.
„Пендаровски наместо да се однесува како претседател се однесуваше како курир на Заев, а потоа и на Ковачевски. Па наместо да застапува државни позиции тој носеше поздрави од Заев во Бугарија и го нарекуваше Бојко Борисов „љубави“.Со љубави за Бојко стасавме до вето за Европската Унија од Бугарија“, порача Миле Лефков.
Од СДСМ пак велат дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Силјановска Давкова ги навредува пензионерите.
„Додека СДСМ ги покачува пензиите, ги почитува и се грижи за повозрасните луѓе ДПМНЕ и Силјановска ги навредуваат пензионерите споредувајќи ги со Мапет шоу. Ваков однос кон пензионерите е несоодветен, непримерен и омаловажувачки, крајно неодговорен за политичар, пратеник или кандидат за претседател“, порача Снежана Калеска Ванчева.
Слична е состојбата и во албанскиот политички блок. Од ВРЕДИ обвинуваат дека ДУИ подготвува изборни нерегуларности, за што и ОБСЕ ОДИХР најавиле засилен мониторинг.
„Бујар Османи е должен да објасни зошто е ваквата оценка на ОБСЕ, и, второ – исто така многу важно – врз основа на какви анализи и аргументи Бујар Османи во 2023 година оценил дека изборите во Северна Македонија можат да предизвикат дестабилизација? Дали ДУИ спрема терен за да предизвика постизборна политичка криза, за да може техничката влада на Талат Џафери да си го продолжи својот технички живот“, вели Амир Елези.
И покрај ваквата состојба со постојани меѓусебни критики, официјалната кампања за претседателските избори се уште не е започната, а таа стартува на 4 април.
