Владата е на вистинскиот пат и постапува правилно во евроинтегративниот процес, испраќајќи јасни сигнали до Европската Унија дека ги исполнуваме обврските кои ни припаѓаат. Ова го изјави Орхан Муртезани, советник на премиерот за Реформската агенда, неколку часа пред средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Муртезани рече дека на средбата со Кошта ќе се разговара за Планот за раст, Реформската агенда и придонесот што државата го дава на патот кон европската интеграција.
„Секако, целата Реформска агенда теоретски не може целосно да се имплементира. Агендата не се спроведува во целост ниту во земјите од регионот кои се најнапредни во процесот на проширување и веќе ги имаат отворено преговорите со ЕУ. Тоа не може да се случи ниту кај нас. Сепак, процентот на имплементација ќе биде на соодветно и задоволително ниво“, изјави Орхан Муртезани, специјален советник на премиерот.
