Предизборно вжештување на политичката сцена – ВМРО-ДПМНЕ избра 25 кандидати, но сè уште не ги кажува имињата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На последниот Извршен комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се исфилтрирани 25 имиња кои ќе трчаат за градоначалничките позиции, а во текот на месецов се очекуваат да бидат утврдени 45 кандидати за локалните избори.  Ова го изјави шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски но освен едно, не ги откри другите имиња.

„Набргу јавноста ќе дознае дел од тие имиња, колку што сум запознаен едно од тие имиња пратеникот и член на Извршен комитет Антонио Милошоски го кажа на една национална телевизија, станува збор за пратеникот доктор Кирил Пецаков кој ќе биде наш кандидат за градоначалник во општина Охрид“, истакна Христијан Мицкоски.

Мицкоски со критики за старо-новите кадри кои СДСМ ги предложи во првата група.

„Понудата на СДСМ е стара понуда од транзиционите времиња, со такви транзициони политичари тие цело време настапуваат. Јас и не очекував нешто ново, добро е што јавноста се увери во тоа што го презентираше Зоран Заев и СДСМ. Тоа се практично истите луѓе, кои што се целосно неуспешни како градоначалници“, додава Христијан Мицкоски. 

А, ЛДП и ДОМ објавија дека на претстојните локални избори ќе настапат во коалиција со либерална-зелена-прогресивна програма а кон нив се приклучи и познатиот доктор Никола Пановски.

„Сметаме дека граѓаните треба да имаат една либерална зелена опција, една прогресивна проевропска коалиција.Се здруживме бидејќи знаете дека сите мали партии се расцепкани, сакавме едно обединување да направиме со цел да го засилиме центарот“, вели Горан Милевски.

„Ние сме прогресивни партии, двете отворени за соработка особено со граѓанските организации и иницијативи и во досегашната наша работа постојано сме во блиска комуникација со граѓанскиот сектор и сметаме дека тоа е во насока на демократизација на општеството“, посочи Маја Морачанин.

СДСМ во вторникот промовираше дел од кандидатите за градоначалници на претстојните избори во октомври. Во првата група од 30 кандидати главно се актуелни градоначалници меѓу кои и Петре Шилегов на Град Скопје, а само двајца од нив се нови лица.