Државниот јавен обвинител Ненад Савески, на денешниот брифинг кажа дека приговорот од ЕСМ за запрената истрага за набавките на мазут се разгледува, и на крајот ќе има одлука дали истрагата ќе биде повторно отворена или ќе остане запрена. Во меѓувреме, предметот бил распределен кај обвинителот Јован Цветановски, во Вишото јавно обвинителство.
Сега Цветановски има релативен законски рок од 30 дена по приемот на приговорот за одлука за случајот мазут, рече на брифингот државниот обвинител Савески.
Истрагата беше запрена за Капушевски, Јахоски, Ковачевски, за фирмата РКМ иако МВР тврдеше дека има штета од над 167 милиони евра и злоупотреби при набавката на мазутот и доцнење на испораката на мазутот во ТЕЦ Неготино. ЕСМ поднесе приговор, а во тек е и предистрага за загадување од мазутот горен за струја во ТЕЦ Неготино. Резултатите се добиени, а сега се трага по експерти да ги прочитаат.
„Во контакт сме со професор на ПМФ кој во јавноста изјавуваше дека има сознанија за читање на лабараториски анализи за загадување. Лично се испратени истражители на ОЈОГОКК во научните институции за да проверат дали има експерти кои може да ги протолкуваат резултатите“, рече Савески.
