Предвремени парламентарни избори по локалните? – Хоџа до Груби: Со гласовите на Беса би можел да „леташ“ од Владата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Предвремени парламентарни избори, веднаш по локалните, најави опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Сепак, вели дека има и можност за формирање ново парламентарно мнозинство пред предвремените парламентарни избори.

Но, првиот човек на СДСМ, Зоран Заев во интервју за „Алсат“ рече дека мнозинството што го има е стабилно, дури, како што додава, можно е и да се прошири.

Од друга страна пак, генералниот секретар на Движење беса, Арјанит Хоџа, во рамките на предизборната кампања ја истакна важноста на четирите гласа на пратениците на Беса. Хоџа му испрати „поздрав“ за разрешување на неговиот колега, Артан Груби.

„Е сега морам да го ослободам од една грижа мојот колега Артан. Точно е дека Биљал Касами, Кастриот Реџепи, Фадиљ Зендели и Бастри Бајрами не се команданти, но со нивните четири гласа, Артан може да „одлета“ од Влада“, истакна Аријанит Хоџа.

А за можно обединување на Беса и Алтернатива, говореше и Биљал Касами. Тој изјави дека нивната врата за Алтернатива е секогаш отворена.

„Вратата секогаш е отворена за Африм Гаши да седнеме и да поразговараме за заедничката иднината на граѓаните на Северна Македонија. Без оглед на поделбата, секоја поделба има свое обединување. Јас верувам дека има повеќе работи кои нѐ обединуваат, отколку што нѐ разделуваат“, истакна Биљал Касами.

Политичките партии  ја заострија својата реторика на само четири дена пред одржувањето на локалните избори.