Гласачките места во Косово се отворија утрово, додека најмладата демократија од Западен Балкан одржува уште едни предвремени избори – трети парламентарни избори за нешто повеќе од една година, поради постојаната политичка блокада и неуспехот на политичките партии да постигнат консензус, најпрвин за избор на прв човек на Парламентот и негово конституирање, а потоа и за избор на претседател на државата по изборите во декември минатата година.
Имено, длабоко поделениот парламент не успеа да избере нов претседател лани во април, со што дополнително се продлабочи кризата предизвикана од неубедливите изборни резултати од февруари 2025 година. Партијата Самоопределување на премиерот Албин Курти, која победи на тие избори, не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство за формирање влада, што доведе до повеќемесечен политички застој и нови избори во декември.
Иако партијата на Курти повторно освои најмногу пратенички места (51,1 отсто, наспроти 42 отсто во февруари) и формираше влада со поддршка од претставници на малцинствата, тензиите продолжија. Опозицијата не учествуваше на парламентарното гласање за избор на нов претседател на државата, што на крајот доведе до распуштање на парламентот и отвори пат за денешните избори. Владејачката партија, според сите анкети, е фаворит за победник и на овие избори.
Поранешната претседателка Вјоса Османи, на која и истече мандатот во април годинава и која сега е носител на листата за парламентот од редовите на својата поранешна партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), изјави за Еуроњуз:
„Многу сум оптимист дека граѓаните на Косово ќе ни помогнат да постигнеме резултат што ќе создаде демократска рамнотежа меѓу политичките партии во Косово и ќе ги натера сите политички субјекти да седнат на иста маса и што побрзо да постигнат договор за формирање на институциите.“
Осврнувајќи се на актуелниот ќор-сокак, таа рече: „Ова е непотребна криза, целосно непотребна блокада, бидејќи ѝ штети на државата.“
Друг поголем конкурент на Самоопределување на овие избори се Демократската партија на Косово (ПДК) предводена од Бедри Хамза, а чии поранешни лидери се екс-претседателот и премиер на Косово, Хашим Тачи и екс-претседателот на Парламентот, Кадри Весели, кои неколку години се наоѓаат во притвор во Хаг и очекуваат епилог од судењето на Специјалниот суд формиран од Косово за обвиненија за воени злосторства.
На изборите конкурира и Алијансата за иднина на Косово (ААК) со новиот претседател, Ардиан Ѓини, откако екс-премиерот на Косово и долгогодишен лидер на партијата, Рамуш Харадинај се повлече и му го препушти раководењето со партијата. На претходните избори, ААК го помина изборниот праг и освои 6 пратеници.
На изборите учествува и Српска листа која е водечка политичка опција кај Србите на Косово и има тесни врски со Белград, како и помали партии на останатите малцинства.
Аналитичарите предупредуваат дека и овие избори можеби нема да го прекинат циклусот на политичка нестабилност и дека Косово поради длабоките политички поделби, изгледа заглавено во модел на постојани избори, без видливи знаци за компромис меѓу спротивставените политички партии.
