Премиерката на Летонија Евика Силина, најави дека ќе поднесе оставка откако инцидентот со украинските дронови ја раздрма нејзината влада.
„Поднесувам оставка, но не се откажувам“, рече Силина во телевизиското обраќање до јавноста.
Силина ќе се повлече само неколку месеци пред редовните парламентарни избори закажани за октомври.
Летонскиот претседател Едгарс Ринкевич, кој според Уставот е задолжен за назначување владини претставници, ќе се сретне со претставници на сите парламентарни партии во петок.
Силина и нејзината партија „Ново единство“ го загубија владејачкото мнозинство во парламентот еден ден претходно, откако левичарската Прогресивна партија објави дека ја повлекува својата поддршка за владата.
Одлуката следуваше по разрешувањето на министерот за одбрана Андрис Спрудс, поради неговот лошо справување со инцидентите со украинските беспилотни летала кои, отстапувајќи од својата рута, влегоа во летонскиот воздушен простор од правец на Русија.
Два дрона од Украина се урнаа во Летонија минатиот четврток. Немаше повредени, но предизвикана е материјална штета откако еден од нив предизвикал краток спој во складиште на нафта.
