Во емисијата на ТВ21, Клик Плус, премиерот Христијан Мицкоски го коментираше процесот за избор на кандидати за Државен Јавен обвинител.
„Јас не би давал априори суд додека прво не го слушнам мислењето на Советот на Јавни обвинители, број еден и број два сите тие доаѓаат од фелата, со одреден кариерен степен на напредок. Претпоставувам дека нудат одреден квалитет, дека веруваат во себе, се охрабриле и се мотивирале“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека условите за изборот се јасни и дека јавните обвинители треба да водат одлучна и бескомпромисна борба против криминалот.
„Обвинителството е партнер во процесот и нераскинлива алка од него. Затоа, да одиме чекор по чекор и да не брзаме, бидејќи секој избрзан чекор може да создаде магла во јавноста“, потенцира Мицкоски.
Целото интервју со премиерот Христијан Мицкоски ќе го емитуваме вечерва во 21:30 часот на ТВ21
