Премиерот на Молдавија предупредува на безбедносна криза после прекин на рускиот гас

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Молдавија се соочува со безбедносна криза откако нејзината отцепена енклава Придњестровје беше прекината од испораките на руски гас, изјави во петокот премиерот Дорин Речеан.

Протоците на руски гас преку Украина кон централна и источна Европа беа прекинати на Нова година, откако истече договорот за транзит меѓу завојуваните земји, и Киев одби понатамошна соработка со Москва, пренесува Ројтерс.

Речеан рече дека Молдавија ќе ги покрие своите енергетски потреби со домашно производство и увоз, но истакна дека сепаратистичкиот регион Придњестровје претрпел болен удар и покрај врските со Москва. Жителите останаа без топла вода и парно греење, а сите фабрики освен производителите на храна беа принудени да го прекинат производството.

„Со загрозување на иднината на протекторатот што го поддржува три децении во обид да ја дестабилизира Молдавија, Русија го открива неизбежниот исход за сите свои сојузници – предавство и изолација“, се вели во соопштението на Речин.

„Ова го третираме како безбедносна криза која има за цел да овозможи враќање на проруските сили на власт во Молдавија и вооружување на нашата територија против Украина, со која делиме 1.200 километри граница“, истакна тој.