Премиерот Христијан Мицкоски вели дека бил погрешно разбран дека планира да има предвремени избори, откако вчера во неговата изјава рече дека тие ќе се случат набргу. Тој истакна дека во Владата се фокусирани на испорачување на реформите и дека посакува редовни избори во 2028 година, но сепак не ја исклучи можноста тие да се одржат и во 2027-та. Токму следната пролет се шпекулира дека има голема веројатност за одржување на предвремени избори за кои партиите велат дека се подготвени на изборна трка кога и да се случат.
Има некои од партиите кои се исплашија од таа изјава од избори, но мојот став го знаете, мојот став е дека оваа година избори нема, оваа година е реформска и година на консолидирање. Јас би сакал да имаме редовни избори коишто ќе се случат наскоро во пролетта 2028 година, а дали 2027 е опција, знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвено да оди на избори и да победи, вели Мицкоски.
Од СДСМ се убедени дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сакаат што побрзо да има предвремени избори, затоа што, како што велат имаат страв од тоа што падна неговиот пријател Орбан, потоа дека не се исполнети ветувањата што ги дадоа пред изборите, како и затоа што нема веќе пари во Буџетот.
Се потврдува она што СДСМ веќе подолг период го зборува, на Мицкоски му се брза за предвремени избори. Со падот на неговиот пријател Орбан, почнува распадот на криминалната мрежа што со години ја градеа во регионот. Како што СДСМ со месеци предупредуваше, кога ќе снема пари за тендери и за полнење џебови, криминалната организација ВМРО веднаш ќе почне со подготовки за избори, изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Вчера и лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека тој барал уште од првиот ден да има предвремени избори и дека тој е подготвен да оди на избори уште утре.
