Техничкиот премиер во вторник ќе биде тестиран на коронавирус, потврди синоќа за Click Plus.
„Тестирањето треба да се направи откако ќе поминат неколку дена од контактот што сме го имале и најверојатно тоа ќе се случи во вторник“, вели Оливер Спасовски.
Дека градоначалникот на Куманово и членовите на кризниот штаб чекаат резултати никој не ги известил владините претставници.
„Не знаевме воопшто дека имало тестирање на градоначалникот или на луѓето од штабот, никој за тоа не не извести. Доколку знаевме дека имало тестирање, сигурно дека немаше да се оствари таа работна посета или ќе направевме онлајн комуникација за да разговараме во штабот“, додава Спасовски.
Синоќешните гости во ClickPlus на ТВ21 ја поздравуваат одлуката на Пендаровски за продолжување на вонредната состојба додавајќи дека во овие моменти во интерес на граѓаните е да функционира Собранието.
„Борбата за човечките животи мора да биде сеопфатна, дисциплирана и императивна. Во таа насока е и прогласувањето на уште една нова вонредна состојба за 30 дена“, вели Наќе Чулев
Но, со ова не се согласува првиот човек на Собранието, кој претходно се изјасни дека нема законска можност за свикување на распуштениот парламент.
Министерот Чулев вели дека состојбата на полициските службеници е стабилна.
„И досега ние како Министерство за внатрешни работи имаме регистрирано 16 припадници кај кој што е идентификувано присуство на вирусот корона. Ние направивме интерно упатство, а изработивме памфлети коишто ги користат полициските службеници и во упатството е точно дефинирано во зависност од работното место заедно со наредбите кои им се издаваат на полициските службеници за вршење на работните задачи каков вид на заштитна опрема треба да носат“, додава Чулев.
Министерот за здравство на синоќешната прес конференција потенцираше дека оваа ситуација за самоизолација на владини претставници ја имале предвидено во сценариото за ширење на коронавирусот.
Покрај нив, во самоизолација завршија и седум новинари кои го следеле настанот во Куманово и сите преку Центрите за јавно здравје ќе бидат тестирани на Ковид-19.
