Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска, при посетата на Општина Пустец, Мала Преспа во Албанија, заедно со своите домаќини Васил Стерјоски, пратеник во албанскиот Парламент од партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и градоначалникот на Општината, Пали Колефски го посетија заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“, каде беше потврдена донацијата која премиерот Заев ја обезбеди преку македонски компании за поддршка на инфраструктурното уредување на училишниот двор и дворот на градинката. Денеска беа реализирани 15.000 евра од вкупно 30.000 колку што е донацијата. Останатите средства ќе се донираат во февруари 2021 година.
„Чест ми што сум овде, бидејќи ова заедничко основно и средно училиште е реновирано со поддршка на Владата на Република Северна Македонија како резултат на заклучоците на заедничката седница со Владата на Албанија што се одржа во Поградец во 2018 година. Реализацијата на оваа иницијатива дојде со покажаната добра волја од страна на Владата во Тирана која прифати во реконструкцијата на 33 основни и средни училишта во Албанија, да биде вклучено и заедничкото основно и средно училиште во Пустец, во кое наставата се изведува на македонски и на албански јазик’, рече премиерот Заев подвлекувајќи дека оваа остварена иницијатива е потврда за успешното градење на пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија кои продолжуваат да се зацврстуваат и со реализација на многу други проекти од заеднички интерес.
Тој ја истакна големата важност и посебна нишка на поврзаност на двата народа, која ја претставуваат Македонците во пријателска Албанија и изрази уверување дека заложбите на Владата на Северна Македонија се во насока на помагање во повеќе сегменти од секојдневниот живот на месното население, почнувајќи од образовниот процес па се до прашањата од комуналната сфера, за што и денеска разговараа со градоначалникот Колефски.
